29. април, 2025

Годишен одмор – Правни аспекти

Годишниот одмор претставува основно право на секој вработен и клучен елемент за заштита на здравјето, благосостојбата и продуктивноста на работната сила. Во Република Северна Македонија, правото на годишен одмор е прецизно регулирано со Законот за работни односи и дополнително разработено преку Општиот колективен договор. Разбирањето на правните аспекти е важно и за работниците и за работодавачите, особено во делот на користење, планирање и исплата на неискористен годишен одмор.

Вработен со пенкало пишува на лист хартија со натпис „Годишен одмор“ и го планира своето отсуство – симболика на планирање на годишен одмор и користење на работнички права.

1. Право на годишен одмор

Секој вработен има право на најмалку 20 работни дена платен годишен одмор годишно, според член 137 од Законот за работни односи. Ова времетраење може да се зголеми со колективен договор или индивидуален договор за вработување.

2. Услови за користење на годишен одмор

Правото на целосен годишен одмор се стекнува по најмалку шест месеци непрекината работа кај ист работодавач. Ако не се исполнети овие услови, работникот има право на пропорционален дел од одморот.

3. Рок за користење на годишниот одмор

Според член 141, годишниот одмор треба да се искористи во текот на календарската година, а најдоцна до 30 јуни следната година.

4. Надомест за неискористен годишен одмор: Кога вработениот има право на исплата?

Што претставува надоместок за неискористен одмор?

Надоместокот за неискористен годишен одмор претставува паричен надоместок за стекнато, но неискористено право на дел од годишниот одмор. Ова право се активира само доколку се исполнети условите предвидени со Законот за работни односи (ЗРО).

Согласно член 145 од ЗРО, утврдено е дека:

„Работникот има право на надоместок на неискористениот дел од годишниот одмор пред престанок на работниот однос, ако претходно побарал, а не му било овозможено користење на годишен одмор, а работниот однос му престанал не по негова вина и волја.“

Во кои случаи се стекнува право на надомест?

Вработениот може да побара паричен надомест за неискористениот одмор пред престанок на работниот однос, но само ако се исполнети следните услови:

  • Писмено побарал да го користи годишниот одмор;
  • Работодавачот не го дозволил тоа поради работниот процес;
  • Работниот однос му престанал не по негова вина или волја.

Тоа значи дека нема право на надомест доколку:

  • Вработениот сам дал отказ;
  • Престанокот на работниот однос е по вина на вработениот (на пр. член 81 или 82 од ЗРО);
  • Бил потпишан спогодбен прекин на договорот за вработување.

Кои се прифатливи основи за добивање на надомест?

Надомест за неискористен годишен одмор може да се побара само при престанок на работниот однос поради:

  • Истек на времетраењето на договорот;
  • Пензионирање;
  • Отказ поради деловни причини, без вина на вработениот.

Што ако работодавачот не го исплати надоместот?

Ако се исполнети горенаведените услови, а работодавачот не го исплатил надоместот, вработениот има право да поднесе тужба пред надлежен суд.

Според Законот, ваквото парично побарување застaрува во рок од три години од денот кога требало да биде исплатено.

Законска и морална одговорност

Надоместокот за неискористен годишен одмор не е само законска обврска, туку и морална обврска. Тој ја одразува почитта кон трудот и правата на вработените. Работодавачите треба:

  • Да овозможат користење на годишен одмор;
  • Или, доколку тоа не е возможно, да обезбедат правичен надомест.

Ова прашање добива особено значење при престанок на работниот однос и претставува клучен елемент во заштитата на работничките права.

Корпоративни луѓе, препоставен и неговата вработена разгледуваат документ за годишен одмор

Заклучок

Правото на годишен одмор е заштитено со закон и мора да се користи во интерес на здравјето и благосостојбата на работникот. Единствен исклучок од ова е престанокот на работниот однос, кога работникот може да добие надоместок за неискористени денови.

Дознајте повеќе

За повеќе информации во врска со нашите консултантски услуги, правни совети и бизнис поддршка, ве покануваме да го посетите нашиот веб-сајт.

Доколку имате прашања или сакате директно да не контактирате, пишете ни на нашата е-пошта: info.sk@unija.com или контактирајте не нашиот телефонски број +389 2 2450 199

Ние сме тука да ви помогнеме во заштитата на вашите права и унапредувањето на вашиот бизнис