Работејќи во динамично опкружување со постојан технолошки и научен напредок, претпријатијата се приморани да држат чекор со развојот. Ова е неопходно за да опстанат на пазарот и да останат конкурентни. Поради тоа, трошоци за обука на вработените стануваат критичен аспект за секој бизнис. Претпријатијата мораат да инвестираат во дополнително образование и стекнување на вештини на своите вработени за да обезбедат континуиран успех и адаптабилност.
Имено, и самиот Закон за работни односи во член 154 предвидува дека работникот има право и должност на постојано образование, дошколување и оспособување во согласност со потребите на работниот процес. Ова е со цел на одржување и унапредување на способноста за работа на работното место, како и зачувување на работното место. Понатаму, пропишано е дека работодавачот е должен да им обезбеди образование, дошколување и оспособување на работниците ако тоа го бараат потребите на работниот процес. Ова е потребно и ако со образованието, дошколувањето или оспособувањето може да се избегне откажувањето на договорот за вработување. Откажувањето може да биде од лична или деловна причина.
Каков е даночниот третман на трошоците за стручна обука на работниците?
1. Даночен третман од аспект на данок на добивка
Согласно член 9 став 1 точка 15 како непризнаени расходи за даночни цели се сметаат: стипендии, освен стипендиите доделени на начин и под услови утврдени со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности кои се оданочуваат според одредбите од точката 10) на овој член, во кои не спаѓаат трошоците за обука и специјализација на вработените заради остварувањето на дејноста на даночниот обврзник, под услов истите да продолжат со работа кај истиот работодавач, во временски период утврден со договор, кој не е пократок од три години сметано од годината на стекнувањето со соодветните знаења.
Според горенаведеното, трошоците за стручни обуки на работниците ќе бидат признаени за даночни цели од аспект на данокот на добивка. Ова важи под услов да се склучи договор помеѓу работникот и работодавачот. Работникот се обврзува да продолжи со работа кај работодавачот во период не пократок од три години.
2. Даночен третман од аспект на данок на личен доход
Согласно Законот за личен доход, пропишано е ослободување од оданочување на трошоците за доквалификација на вработените. Ослободувањето важи под услов работниците да имаат склучен договор со работодавачот. Во договорот се обврзуваат да останат на работа кај истиот работодавач во временски период предвиден со договорот.
Специфично е тоа што согласно Законот за личен доход не постои услов работникот да остане на работа кај ист работодавач три години. Временскиот период на обврзување не е дефиниран со три години, како што е во некои други случаи.
Напоменуваме, ова ослободување не се однесува за платени трошоци и стипендии за стекнување на степен на образование. Тоа вклучува школарини на приватни домашни и странски факултети, магистерски или докторски студии.
За подетални информации во однос на даночни анализи ви стоиме на располагање на нашиот е-маил consultingmk@unija.com.