Канцелариски состанок за бизнис и финансиски консултации - Excel табела за анализа на податоци.
22. октомври, 2025

Данок по одбивка (WHT)

Данок по одбивка е обврска што настанува при исплата на одредени приходи кон странски лица. Во продолжение објаснуваме кои исплатувачи се должни да го задржат данокот, на кои видови приходи се применува и кога важат ослободувања или пониски стапки според договори за избегнување двојно оданочување.

Кои лица се должни да задржат данок

Согласно Законот за данок на добивка, следниве лица го задржуваат данокот на приход платен на странско лице, и тоа:

  • домашно правно лице;
  • домашно физичко лице – регистрирано за вршење на дејност и
  • странско правно лице или физичко лице – нерезидент со постојана деловна единица во Македонија.

На кои приходи се применува задржувањето

Согласно истиот закон задржувањето на данок се применува на следниве приходи, без оглед дали се исплатени во Република Северна Македонија или во странство:

  • приход од дивиденди;
  • приход од камата од резидент;
  • приход од камата од нерезидент кој има постојана деловна единица во Република Северна Македонија, ако каматата е на трошок на постојаната деловна единица;
  • приход од авторски хонорар исплатен од резидент;
  • приход од авторски хонорар исплатен од нерезидент со постојана деловна единица во Република Македонија, ако авторскиот хонорар е на трошок на постојаната деловна единица;
  • приход од забавни или спортски активности кои се вршат во Република Северна Македонија;
  • приход од вршење на менаџмент, консалтинг, финансиски услуги и услуги на истражување и развој, ако приходот е исплатен од резидент или е на трошок на постојаната деловна единица во Република Северна Македонија;
  • приход од осигурителни премии за осигурување или реосигурување од ризици во Република Северна Македонија;
  • приход од телекомуникациски услуги меѓу Република Северна Македонија и странска држава и
  • приход од закуп на недвижности во Република Северна Македонија.

По исклучок, данокот не се задржува на следниве приходи:

  • на трансфер на дел од добивката на постојана деловна единица на странско правно лице во Република Северна Македонија, на која претходно е платен данок на добивка;
  • на приход од камата од должнички инструменти издадени и/или гарантирани од страна на Владата на Република Северна Македонија, Народната банка на Република Северна Македонија и банки или други финансиски институции кои дејствуваат како претставник на Владата на Република Северна Македонија;
  • на приход од камата од депозити во банка лоцирана во Република Северна Македонија и
  • на приход остварен од посредување или консалтинг со државни хартии од вредност на меѓународен финансиски пазар.

Примена на договори за избегнување двојно оданочување

Согласно Законот за данок на добивка, доколку примателот на приход врз кој се применува задржување на данок е резидент на странска држава која има договор со Република Северна Македонија за одбегнување на двојното оданочување во однос на даноците на доход и капитал, даночната стапка која е утврдена за тој приход не смее да ја надмине даночната стапка која се применува за приходот одредена во договорот.

Даночно ослободување или пониска стапка одредена во договорот со странска држава се применува на приход врз кој се применува задржување на данок ако исплатителот на приходот располага со пропишан образец заверен од надлежен даночен орган на странската држава и од Управата за јавни приходи, или одобрение за даночно ослободување издадено од Управата за јавни приходи.

Меѓународен бизнис договор - Соработка помеѓу САД и ЕУ во контекст на данок по одбивка

Согласно член 12 од Правилникот за начинот на пресметување и уплатување на данокот на добивка и начинот на одбегнување на двојното ослободување или двојното оданочување, исплатувачот на приходите на кои се утврдува данокот по задршка, според Законот, на странските правни лица кои се резиденти на државите со кои Република Македонија применува договори за одбегнување на двојното оданочување, при исплатата пресметува, задржува и уплатува данок на начин определен со договорот и со Законот.

Процедура за користење на даночно ослободување или повластена стапка

Данок по одбивка: поднесување барање и обрасци

Барањето за даночно ослободување или примена на пониска даночна стапка во согласност со договорите за одбегнување на двојното оданочување се поднесува на следните обрасци, и тоа:

  1. Образец “ЗД-О/ДИ“ – Барање за олеснување односно ослободување од данок на дивиденда;
  2. Образец “ЗД-О/КА“ – Барање за олеснување односно ослободување од данок на камата;
  3. Образец “ЗД-О/АП“ – Барање за олеснување односно ослободување од данок на приходи од авторски права;
  4. Образец “ЗД-О/ДП“ – Барање за ослободување од данок на други приходи, и
  5. Образец “ЗД-ДО“ – Барање за даночно ослободување.

Образецот од точка 5 овој член, може да се примени и наместо обрасците од точките 1, 2, 3 и 4 од овој член, доколку при исплатата на приходите согласно Законот, не се плаќа данок по задршка во согласност со одредбите на договорите за одбегнување на двојното оданочување и доколку заедно со барањето се достави потврда за резидентен статус заверена од надлежниот даночен орган во странство.

Потврдување на обрасци, зачестени исплати и проток на документација

За примена на одредбите од договорот за одбегнување на двојното оданочување, образецот од точки 1, 2, 3 и 4 на овој член, треба да биде потврден (заверен) од надлежниот даночен орган во странство. Заверениот образец се поднесува пред секоја исплата. По исклучок доколку се работи за зачестени исплати (по ист основ), заверениот образец од став 3 точки 1, 2, 3 и 4 на овој член, или барањето за даночно ослободување со потврда за резидентен статус од став 3 точка 5 на овој член, се поднесува пред почетокот на првата исплата.

Даночен образец на компјутер - Работна канцеларија и документи поврзани со данок по одбивка

Обрасците се состојат од четири истоветни примероци и тоа првиот примерок за подносителот на барањето; вториот примерок за надлежниот даночен орган во странство; третиот примерок за исплатувачот и четвртиот примерок за Управата за јавни приходи на Република Македонија. Соодветниот образец подносителот на барањето – нерезидент, го заверува во надлежниот даночен орган на државата чиј резидент е. Еден примерок од образецот е наменет за надлежниот даночен орган во странство, а останатите три заверени примероци со целосно пополнети податоци заедно со пропратната документација, подносителот на барањето ги доставува до домашниот исплатувач. Домашниот исплатувач пред исплата на приходот, трите примероци од образецот ги доставува до надлежната Регионална дирекција за Управата за јавни приходи.

Надлежната Регионална дирекција на Управата за јавни приходи ја спроведува потребната контрола, го заверува поднесеното барање, задржува еден примерок за свои потреби, а останатите два примероци ги враќа на исплатувачот. Исплатувачот на приходот еден примерок задржува за свои потреби, а другиот примерок го доставува до подносителот на барањето. Во случаите кога се применува образецот од точка 5, Управата за јавни приходи издава одобрение за даночно ослободување.

Примена при исплата и потребни предуслови

Доколку во времето на исплатата на приходот на странското правно лице, домашниот исплатувач располага со заверен примерок од образецот од 1, 2, 3 и 4 на овој член или одобрение за даночно ослободување, ќе ги примени соодветните одредби од договорот за одбегнување на двојното оданочување.

Напоменуваме дека за да се добие одобрувањето потребно е да се обезбеди потврда за резидентен статус од примателот на приход и истиот да се регистрира во даночната управа со добивање на даночен број за нерезидент.

Заклучок

Tочната примена на Данок по одбивка бара прецизна класификација на приходот, валидна документација и усогласување со договорите за ДДО. За сигурна и практична примена, обратете ни се за стручна помош и индивидуален план.