10. декември, 2021

ТРОШОЦИ ЗА ТЕСТОВИ ЗА КОВИД-19 ВО 2021 ГОДИНА

Со последните измени на Законот за данок на добивка објавени во Службен весник на РСМ”, број 151/2021  беше зголемен износот на трошок за платени лабораториски тестови за COVID-19, кој што ќе има третман на  признат расход за даночни цели во 2021 година.  Имено, согласно измените во член 9 став 1 точка 21 од  Законот за данокот на добивка (“Службен весник на РМ“, број 112/14…275/19 и  Службен весник на РСМ“, број  290/2020 и 151/2021) даночно признаениот износ на трошок за платени лабораториски тестови за  COVID-19  за вработени лица беше зголемен од 9.000 денари на годишно ниво по вработен на „50%  од просечната  месечна бруто плата исплатена во претходната година во Република С. Македонија, а тоа е износ до 20.283 денари (20.283 = 40.566 x 50%). Од аспект на данокот на личен доход не се променија одредбите на член 12 став 1 точка 45 од Законот за данокот на личен доход (“Службен весник  на РМ, бр. 241/18 и Службен весник на РСМ бр. 275/19, 290/20 и  85/21), според кои данок на доход не се плаќа на платени лабораториски тестови за COVID-19 за вработени лица во износ до  9.000 денари на годишно ниво по вработен.

Важно: Иако измените на Законот за данок на добивка влегоа во сила на 14 јули 2021 г,. истите се однесуваат за цела фискална 2021 година, по која даночните обврзници ќе достават образец “ДБ ‐ Даночен биланс за оданочување на добивка“ во  роковите  утврдени со  Законот  за  трговски  друштва.

Каков е даночниот третман на брзите рапид тестови за Ковид 19  кои не се прават во лабораторија?  

Како што може да се забележи од одредбите на член 12 став 1 точка 45 од Законот за данок   на личен доход и од член 9 став 1  точка 21од Законот за данок на добивка, во дефинирањето  на даночното ослободување употребени се зборовите “платени лабораториски тестови за COVID-19 за  вработени лица”. Од тие причини логично се наметнува прашањето:  Каков е даночниот третман на брзите  (rapid) тестови кои фирмите ги купуваат за своите вработени и не станува збор за лабораториски тестови?  
По  однос на претходното прашање УЈП има дадено мислење според кое пропишаното даночно ослободување се однесува за направени тестови за COVID ‐19 во лабораторија.

Мислење од Управата за јавни приходи 

  • Согласно член 7 од Законот за данок на добивка (во натамошен текст: ЗДД) објавен во „Сл.весник на РМ“,  бр.112/14…232/19  и  „Сл.  весник на РСМ“, бр.275/19,  290/20 и 151/21) основа за пресметување на данокот од  добивка е добивката која се утврдува во даночниот биланс, како разлика меѓу вкупните приходи и вкупните расходи на даночниот         обврзник во износи утврдени согласно со прописите за сметководството и сметководствените стандарди. Според член 8 од ЗДД, основата од членот 7 став (2) од овој закон, се зголемува за непризнаените  расходи и  помалку искажаните  приходи за даночни цели. 
  • Согласно член 9 став 1 точка 21 од ЗДД, како непризнаени  расходи за даночни цели се сметаат платени лабораториски тестови за COVID-19 за вработени лица во износ поголем  од  50%  од просечната  месечна  бруто  плата  исплатена во претходната година во Република Северна Македонија, на  годишно ниво по вработен. Според  сето наведено, Ве известуваме  дека пропишаното даночно ослободување во одредбата од член  9  став 1 точка 21 се однесува за  направени тестови за COVID-19 во лабораторија.