8. август, 2022

Промени во законот за вршење сметководствени услуги во С.Р. Македонија

Закон за вршење на сметководствени работи

Со овој закон се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, основањето и надлежностите на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.

Статус на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија

Член 3
(1) Заради унапредување и надзор на сметководствената професија, Владата на Република Северна Македонија основа Совет за унапредување и надзор на сметководствената професија на Република Северна Македонија како самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени со овој закон (во натамошниот текст: Советот).

(2) Советот се стекнува со својство на правно лице со упис во Регистарот на други правни лица што се води во Централниот регистар на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Централниот регистар).

(3) Седиштето на Советот е во Скопје.

(4) Советот за својата работа одговара пред Владата на Република Северна Македонија.

Континуирано професионално усовршување

Заради надградување на знаењето во областа на сметководството, сметководителите се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од најмалку 90 часа за период од три години, при што најмалку 24 часа во текот на една година, притоа првиот циклус од три години, односно првата година во која почнува да тече оваа обврска е годината која следи по годината во која сметководителот е впишан во регистарот на сметководители.

Преодни и завршни одредби

Член 61
(1) Институтот формиран согласно со одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Македонија број 95/12, 188/13,27/14, 154/15, 192/15, 23/16, 190/16 и 193/17), со денот на влегувањето во сила на овој закон продолжува со работа согласно со одредбите од овој закон.

(2) Уверенијата за сметководител, односно овластен сметководител, издадени до денот на влегувањето во сила на овој закон и запишани во Регистарот на сметководители односно во Регистарот на овластени сметководители, продолжуваат да важат како уверенија издадени согласно со одредбите од овој закон.

(3) Лиценците за работа на трговци поединци – сметководители, трговци поединци – овластени сметководители и друштва за вршење на сметководствени работи издадени од Институтот до денот на влегувањето во сила на овој закон и запишани во Регистарот на трговци поединци – сметководители, Регистарот на трговци поединци – овластени сметководители и во Регистарот на друштва за вршење сметководствени работи, продолжуваат да важат како лиценци издадени согласно со одредбите од овој закон.

Член 77
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Извор: Службен весник на Република Северна Македонија