2. декември, 2021

ОД 1-ви ДЕКЕМВРИ 2021 ГОДИНА ЗАБРАНА ЗА ТРГОВЦИТЕ ДА ПУШТААТ ВО ПРОМЕТ ПЛАСТИЧНИ КЕСИ ЗА НОСЕЊЕ НА СТОКИ НА ПАЗАРОТ

На  50‐тата седница на Собранието на  Република С. Македонија  одржана на 15.09.2021 беше изгласан  Законот  за управување со пакување и отпад од пакување. Ова Законско решение е објавено во Службен весник на РСМ, бр. 215 од 16.9.2021 година. Законот влезе во сила на 24.09.2021 година и со негово влегување во сила престана да важи Законот за управување  со пакување и отпад од пакување („Службен весник на РМ“ брoj  161/09, 17/11, 47/11, 136/11, 6/12, 39/12, 163/13,146/15 и 39/16).

Основните цели на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, се следните:

  •  намалување до најмало можно ниво на негативното влијание  на  пакувањето  и на  отпадот од  пакување  врз  животната средина и врз здравјето на луѓето, и 
  • унапредување на стандардите за заштита  на  животната  средина  од  страна  на економските оператори во текот на животниот циклус на пакувањето, а особено при третманот, повторната употреба, преработката и отстранувањето на отпадот од пакување.  

Во  член  10  од  Законот  пропишани  се следните забрани:

  • забрана  за    пуштање  во  промет  на  пластични  кеси  за  носење  на  стоки на пазарот  во Република С. Македонија.
  • забрана  за  пуштање  на  пластично  пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во Република С. Македонија.

Согласно член 56 од преодните одредби на Законот, одредбите од членот 10 од Законот,  односно  забраната за употреба на пластични кеси за носење и забраната за пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските  објекти  на  територијата  на  заштитените  подрачја, ќе започнат да се применуваат од 1 декември 2021 година.

Во член 6 став 1 точка 1 од Законот „пакувањето“ се дефинира како производ, кој се користи за чување, заштита, ракување, испорака и презентирање на стоки, од производителот до корисникот или потрошувачот, без оглед на тоа дали стоката е суровина или готов производ. „Пластиката“ преставува синтетички материјал изработен од широк спектар на органски  полимери како што се полиетилен, ПВЦ, најлон и други, кој може да се обликува во одредена форма додека е мек, а потоа да се постави во цврста или малку еластична форма.

По исклучок на забраната за пуштање на пластични кеси во промет, со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници, дозволено е пуштање на пазарот на биоразградиви кеси за носење на стоки кои се произведени согласно со пропишаните стандарди за биоразградивост, освен многу лесните пластични кеси за носење на стоки. (Напомена: „Многу лесни пластични кеси за носење на стоки“ се пластични кеси за носење, чијшто дебелина е пониска од 15 микрони, кои се потребни за хигиенски цели или се даваат како примарно пакување за храна која не е компактна или е во течна состојба кога тоа помага за спречување на фрлањето на храна).

Надоместокот  кој  треба  да  го  плаќаат крајните  корисници  од  1  декември  2021 година  за  биоразградивите кеси за носење на стоки, изнесува 15 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба.

Трговецот кој ќе врши продажба на биоразградивите кеси е должен да води евиденција на квартална основа  за  бројот на продадени  кеси  на  продажното  место,  која ќе треба да ја  доставува  до Управата  за животна средина, орган  во  состав на Министерството за животна  средина  и  просторно планирање, и вкупната сума добиена од надоместокот од  продадените кеси, на квартална основа, ја пренесува на посебна сметка отворена  за таа намена на органот за животна средина.