29. декември, 2021

Недела неработен ден – донесени измените на ЗРО и ЗТ со кои се уредува работењето во недела на работниците кај работодавачите од трговија на мало.

На собраниската седница одржана на 20.12.2021 година, донесен е Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кој се создаваат услови за поголема заштита на правото на работникот на неделен одмор во недела и се елиминираат можните злоупотреби во однос на користењето на ова право. Измените на ЗРО се објавени во Службен весник на РСМ број 288 од 21.12.2021 година.

Исто така во Службен весник на РСМ, број 295 од 27 декември 2021 објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија. Со Измените на ЗТ се уредува работењето во недела на работниците кај работодавачите од трговија на мало. Исто така за одделни трговци на мало се пропишува и обврска за плаќање на надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници. Законското решение со кое недела ќе биде неработен ден, ќе стапи на сила од 1 јануари 2022 година.

Со Законот за работни односи, пропишана е целосна измена на став 2 од член 134 и дополнување на овој член со уште 7 нови ставови. Изречно е наведено дека ден на неделен одмор е недела, а со новите ставови 3, 4 и 5, се пропишани исклучоците од ова правило. Имено, за работниците кај работодавачите кај кои работниот процес е од таква природа што не може да се прекине поради техничко ‐ технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата.

Одредени компании ќе можат да работат и во недела поради неможноста да се прекине техничко‐технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата како што се:

  • одгледување на животни и ветеринарни дејности;
  • мешовито фармерство;
  • вадење на јаглен и лигнит и руди на метал
  • печатење и издавање на весници;
  • производствена леб, слатки во свежа состојба и бисквити;
  • производство на пиво, само во процесите поврзани со варење, квасна припрема и следење, ферментација, филтрација и енергетска поддршка на овие процеси;
  • производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати;
  • производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси;
  • производство на индустриски гас;
  • производство на метали;
  • аптеки;
  • снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација;
  • снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината
  • копнен, воден и воздухопловен транспорт, царинска служба на гранични премини;
  • складирање и помошни дејности во превозот;
  • објекти за сместување;
  • дејности за подготовка на оброци и служење на храна;
  • филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма;
  • емитување на програма, прикажување на филмови;
  • телекомуникации;
  • информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет портали и сл.)
  • изнајмување и давање под закуп (лизинг) на моторни возила;
  • дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи;
  • дејности на повикувачки центри;
  • општи дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување на седници, инспекциски надзори, чување на шуми, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес;
  • работи на одбраната;
  • судски и правосудни дејности;
  • работи на јавниот ред и безбедноста, дејности на пожарникарската служба
  • дејности за здравствена заштита, дејности на социјалната заштита со сместување;
  • креативни, уметнички, забавни дејности и фотографски дејности;
  • дејности на музеите;
  • дејности на зоолошки градини и природни резервати;
  • спортски, забавни и рекреативни дејности;
  • погребни и слични дејности;
  • работни места од други дејности кои не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни.

Во измените на Законот за трговија пропишани се исклучоци, односно дадена е можност за вршење трговија на мало во недела и на празници, со обврска претходно да го пријават работното време во недела и празници согласно член 26 од ЗТ. Исклучоците со кои е дозволена работа на празник и во недела се следните:

  • Трговија на мало во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност;
  • Трговија на мало во продавниците на бензинските станици во чии рамки се врши трговија на мало со храна, пијалоци и тутун;
  • Трговија на мало во продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 м2;
  • Трговија на мало на штандови и киосци каде што се продаваат добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавна проекција на кинематографски дела;
  • Трговија на мало во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалоци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и
  • Tрговија на мало на зелени пазари.

За работниците кои работат во објекти за трговија на мало, ден на неделен одмор може да биде друг ден во неделата. Исто така, пропишано е дека додатокот на плата за работа во недела и на празници изнесува најмалку 100% за секој час поминат на работа.

Како што споменавме на почетокот, согласно измените на ЗТ, предвидено е одделни трговци на мало да плаќаат надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници, и тоа:

  • Трговија на мало во продавниците на бензинските станици во чии рамки се врши трговија на мало со храна, пијалоци и тутун;
  • Трговија на мало во продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површи на за трговија на мало од 8.000 м2;