30. ноември, 2021

Исплата на регрес за годишен одмор (К-15)

Правото на исплата на регрес за годишен одмор, односно К-15 е воспоставено со Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и се однесува на сите вработени лица во приватниот сектор во Република Северна Македонија. 

Од 1ви јули до 31ви декември трае законската обврска на работодавците од приватниот сектор за  исплата на регрес за годишен одмор.

Кој има право на регрес за годишен одмор, односно К-15?

Право на регрес за годишен одмор имаат работниците од приватниот сектор под услов работникот да е во непрекинат работен однос кај работодавачот во период од најмалку 6 (шест) месеци во тек на календарската година.

Како се пресметува висината на регресот за годишен одмор?

Согласно одредбите на Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, со измените на Законот за данок на добивка (“РСМ број 151/2021) даночно признаениот износ на регрес  за годишен одмор e зголемен од 40% на 80% од просечната месечна бруто плата по работник во Република Северна Македонија, објавена до денот на исплатата.

Основица за пресметка на регресот за годишен одмор е просечната месечна нето плата по работник во Република Северна Македонија, исплатена во последните три месеци.

Каде можат да се обратат работниците на кои работодавецот нема да им исплати регрес за годишен одмор во предвидениот рок, односно до 31 декември во тек на календарската година?

Работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор дека можат да побараат интервенција од  Државниот инспекторат за труд, или пак да поведат судска постапка за заштита на своите права.

Казни за непочитување на правото на регрес за годишен одмор.

Законодавецот предвидува казна во висина до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра се за фирмата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.

 Законодавецот предвидува и казна затвор од една година за работодавците кои ќе исплатат регрес, а потоа ќе бараат од работниците делумно или целосно да им го вратат.

Државниот инспекторат за труд врши надзор над спроведување на процесот на исплата на регрес, по пристигната пријава или самоиницијативно по случаен избор.