Во овој текст ве потсетуваме на измените во Законот за личен доход со кои се дефинира основ за пресметување на данок на личен доход од работа за:
Користење на станбени згради или станови кои се во сопственост на работодавачот или кои работодавачот ги користи по основ на закуп или друг основ.
Данокот на личен доход по овој основ се пресметува на основа на вредноста на износот на наемнината што може да се постигне според локалните прилики и сличен имот што се дава на користење под приближно еднакви услови, а во случај на закуп или по друг основ, износот на закупнина кој работодавачот го платил.
Користење на службени моторни возила или други превозни средства за приватни цели, вклучувајќи и превоз од и до работно место
Основата на која се пресметува данокот на личен доход од работа во овој случај предвидува две опции и тоа:
Кога се работи за возило во сопственост на работодавачот тогаш даночната основа претставува износот од 1% од сметководствената вредност на моторното возило на 31 декември во претходна година, а доколку вработениот платил надоместок за користење, намален за надоместокот што вработениот го платил за користењето, месечно.
Кога се работи за возило на лизинг, даночната основа претставува 1% од набавната вредност на моторното возило, односно износот од 1% од набавната вредност на моторното возило намалена за пресметаната амортизација со примена на амортизационата стапка утврдена со Номенклатурата на средствата за амортизација, месечно.
Стекнување хартии од вредност и учество во капиталот на работодавачот и кај поврзани лица со работодавачот, без надоместок или по цена пониска од пазарната.
Даночната основа при ваква трансакција претставува пазарната цена на хартиите од вредност и учеството во капиталот (удели) на денот на стекнувањето, односно разликата помеѓу пазарната цена и цената платена од страна на вработениот.