Во претходниот период предмет на дебата беше даночната реформа која ја спроведува Владата на Република Северна Македонија. Во однос на тоа, Ве известуваме дека се донесени измени на Закон за данокот на личен доход, додека измените Закон за данок на додадена вредност и Закон за данок на добивка се се уште во собраниска процедура. Измените се однесуваат на следното:
Закон за данок на личен доход
- Се напушта концептот на прогресивно оданочување: укинување на прогресивното оданочување и оданочување на остварениот доход со единствена стапка од 10 %, односно 15 % за доходот од добивките од игрите на среќа;
- одложување на оданочувањето на каматите од орочени депозити до денот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија ;
- допрецизирање и доуредување на основата за оданочување на немонетарните бенефиции на даночните обврзници кои остваруваат доход по тој основ;
- Измени во однос на приходите кои не се оданочуваат:
– укинување на ослободувањето од оданочување на уплатената премија за животно осигурување, уплатена премиja за доброволно здравствено осигурување и уплатениот придонес во доброволен пензиски фонд за вработените лица;
– отпочнување со оданочување на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд стекнати од 1 јануари 2023 година; - утврдување на третман на непризнат расход на целиот износ на уплатената премија за животно осигурување кај самостојните вршители на дејност;
- доуредување на постапката на даночно изземање или намалување согласно со меѓународните договори за одбегнување на двојното оданочување на доходот кој го остварува странско физичко лице;
- допрецизирање на одредбите од законот кои што се однесуваат на основата на оданочување на капиталните добивки и доуредување на ослободувањата кај капиталните добивки.
Закон за данок на добивка
- Измени во однос на не признаени трошоци за даночни цели:
-утврдување на третман на непризнат расход на целиот износ на трошоците по основ на уплатени премии за осигурување на живот на вработените,
– укинување на правото на намалување на пресметаниот данок за износот на донираните средства на спортски субјекти, - Промени во однос на трансферните цени: – укинување на обврската за задолжително поднесување на извештаите за трансферни цени, односно пропишување на обврска за доставување на истите само по барање на Управата за јавни приходи. Имено, компаниите кои имаат обврска за изготвување на ваков извештај истиот ќе имаат обврска и понатаму да го изготвуваат, меѓутоа и имаат обврска да го достават до даночната администрација по нејзино барање. Даночната администрација може да го побара извештајот 30 дена по поднесување на даночните биланси. Извештајот треба да се достави до даночната администрација 15 дена по добиеното барање. Со ова, практично се скратува периодот за изготвување на извештајот за трансферни цени.
- Промена во концептот на оданочување на мали и микро претпријатија: укинато е постојното ослободување од обврската за плаќање на годишен данок на вкупен приход на субјектите со остварен вкупен приход во годината до 3.000.000 денари.
- Во однос на реинвестирана добивка, предвидено е доколку даночниот обврзник не е во состојба да докаже дека инвестицијата е поврзана за развој на дејноста, ќе биде должен да плати пет кратен износ од данокот кој би бил платен доколку не би се користело ослободувањето.
Закон за данокот на додадена вредност
- доуредување на одредбите кои го дефинираат местото на прометот на услуги и дефинирање на услуги по електронски пат, телекомуникациски услуги, како и предвидувањето на настанување на кало, крш и расипување како оданочив промет доколку не се настанати по основ на виша сила,
- се воведува терминот даночен застапник со цел странските лица кои вршат промет на добра и услуги во нашата земја да можат да го пресметаат и платат данокот на додадена вредност на даночниот орган,
- се врши уредување на даночниот третман на прометот преку вредносни ваучери,
- се врши зголемување на даночната стапка на одредени производи за човечка исхрана кои не се дел од основните производи потребни за човечка исхрана,
- се намалува даночната стапка за дигиталните учебници и менструални производи и прометот на истите ќе биде по повластена стапка од 5%
- се утврдува трансакциите изразени во странска валута да се евидентираат по среден девизен курс
- Утврдена е најниска основа за ДДВ при прва продажба на половни патнички автомобили, во износ на вредноста која ја утврдила царинската управа при увозот.